Деветтата анкета за јавно мислење Став на граѓаните за потенцијални теми за конечен договор меѓу Србија и Косово”, спроведена од Косовскиот демократски институт, укажува на разлики меѓу граѓаните од различни етнички заедници во однос на елементите што треба да ги содржи договорот.
Анкетирани се ставови за царините на производи од Србија и БиХ, за корекција на границите, за заедницата на општините со српско мнозинство и на елементите што треба да ги содржи конечниот договор меѓу Србија и Косово.
Според истражувањето, мнозинството граѓани, 59 проценти, веруваат дека следната влада не треба да ги укине царините за да се отвори патот за дијалог со Србија.
Според етничката припадност, 61 отсто од анкетираните од албанската заедница го делат тој став, 56 отсто од другите немнозински заедници и само 10 отсто од српската заедница.
Околу 45 проценти рекле дека знаат што значи терминот „корекција на границите”, 31 процент рекле дека донекаде им е јасно, а 20 проценти рекле дека не разбираат што значи.
Според етничката припадност, тој израз е јасен за 47 отсто од албанската заедница, 20 отсто од српската заедница и 23 отсто од другите немнозински заедници.
За 39 проценти од граѓаните е јасно што значи терминот „Заедница на општините со српско мнозинство со извршни овластувања”, 29 проценти рекле дека не им е јасно, а 27 проценти рекле дека донекаде знаат што значи терминот.
Според етничката припадност, тој израз е најјасен за албанските граѓани – 41 процент, а потоа следат Србите – 26 проценти и 17 проценти за другите немнозински заедници.
Според истражувањето, некои од најважните елементи на договорот меѓу Косово и Србија се исчезнати лица – 71 процент, казни за воени злосторства – 60 проценти, компензација за воена штета – 59 проценти и извинување – 56 проценти.
Истражувањето беше спроведено на ниво на земја, на репрезентативен примерок од 1070 испитаници по етничка припадност – Албанци, Срби и малцинства кои не се од српска заедница. Истражувањето е спроведено во периодот 2-8 септември 2019 година.