Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави денеска дека претседателот Александар Вучиќ „попрво ќе умре”, отколку што ќе им овозможи на бизнисмените Драган Шолак, Драган Ѓилас и Мирослав Мишковиќ да завладеат со Србија без избори.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој во интервју за ТВ Пинк потенцираше дека во медиумската хајка против претседателот Вучиќ се вклучиле Ѓилас, Шолак и Мишковиќ со свои пари и со медиумите што ги поседуваат и контролираат.
Според него, медиумите под нивна контрола секој ден повикуваат на убиство на Вучиќ, го напаѓаат неговото семејство, прават од државата нарко картел и сето она што го прават не е случајно и не е евтино, и дека само милијардери, како нив, можат да ја финансираат таквата кампања.
– Само тие можат да го финансираат таквиот пристап во медиумите. Сега имате сојуз на Мишковиќ, Шолак и Ѓилас, сојуз вреден десетици милијарди евра. Очекувајте во наредните денови да ја видите моќноста на тие пари, рече Вулин.
Тој истакна дека тие со огромни пари сакаат да ја соборат не само Владата, туку и Уставот и законите во Србија, со кои јасно се наведува како се доаѓа на власт.
Вулин оцени дека заканите кон претседателот Вучиќ дека ќе биде убиен како кралевите Александар Обреновиќ и Александар Караѓорѓевиќ може да се толкуваат како систематски, бидејќи нивното повторување има тенденција кај луѓето да го намали чувството и сознанието дека во прашање е нешто опасно. Тој додаде дека со објавувањето на вакви содржини во медиумите постои обид да се „создаде илузија дека мнозинството во Србија е токму за тоа и дека оној кој што ќе го направи тоа, ќе направи она што народот го сака”.