Во паркот во кругот на Градежниот и Архитектонскиот факултет градоначалникот Шилегов и претставници од двата факултета денеска засадија 7 садници од видот платан. Симболичната акција за засадување се организираше по повод 70- годишнината од формирањето на Факултетот за градежништво и архитектура од којшто произлегоа денешните Градежен и Архитектонски факултет, во рамките на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
-Градот Скопје на симболичен начин ја честита 70-годишнината на овие два факултета, односно за секоја деценија постоење засадивме по едно дрво. Овој парк Градот Скопје го уреди минатата есен, целосно го обновивме зеленилото и поставивме соодветна урбана опрема. Проектот беше реализиран преку потпишување меморандум за соработка меѓу Град Скопје и двата факултета кои го делат овој простор. Овие врати повеќе не се затвораат, а овој парк освен што е двор на факултетите претставува и јавен простор кој може да го користат граѓаните. Ние имаме добра соработка со овие два факултета и добиваме добри совети во однос на идниот исправен развој на градот, а таа соработка во иднина и ќе ја продлабочиме – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој потсети дека оваа есен беа засадени над 7.000 садници на различни локации во сите градски општини, беа подигнати неколку нови паркови и беа разубавени неколку постојни парковски површини. Подигнати се и нови дрвореди по должината на градските улици и булевари, дополнети се постојните дрвореди, обновено е средишното булеварско зеленило, а уредени се нови зелени површини и мали зелени плоштади.
Подигнувањето нови зелени површини останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје, а во исто време се работи на обнова на загубеното зеленило. Целта е градот да добие повеќе чисти зелени површини. Во таа насока, Шилегов ги повика и другите научно-образовни институции во нашиот град да засадат дрвја во своите дворови и во соработка со Градот Скопје да ги уредат со зеленило.
Пред новинарите денеска се обрати и деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, кој ја поздрави добрата соработка со Градот Скопје.
Со почит,
Град Скопје