– Менаџерот на апсолутниот хит во Премиер лигата, Лестер Брендан Роџерс ја потврди својата лојалност кон клубот и официјално потпиша нов договор до 2025 година.
Веста беше објавена на официјалната страница на „лисиците”, што во пракса значи дека шансите на стратегот да го преземе Арсенал се нула.
Во последните неколку дена тој беше сериозно поврзуван со лондонскиот тим и се мислеше дека е можно да го напушти, а тоа сериозно ги загрижи навивачите.
Под раководството на поранешниот тренер на Селтик и Ливерпул, клубот се врати во своите најсилни денови од пред неколку години кога ја освои титулата, а во моментов е втор во Премиер лигата и има голема шанса да се пласира во најдобрите четири по крајот на сезоната.
Лестер има освоено 17 од 26-те натпревари во Премиер лигата од назначувањето на Роџерс, а екипата е во серија од седум последователни победи во англиската елита.
– Кога донесов одлука да дојдам во Лестер, тоа беше заради фактот што бев возбуден за насоката на проектот што требаше да се следи. Дојдов тука да додадам нешто од себе и во исто време да му помогнам на тимот да ги врати своите позиции, објави тој.