Потпретседателката на СДСМ и министерка за труд и социјална политика Мила Царовска вчера вечер во Велес учествуваше на трибина посветена на борбата против семејното и родово базирано насилство. Трибината “Стоп за насилство против жените и девојчињата, нема оправдување” се одржа во рамките на одбележувањето на 16 дена активизим во организација на Форум на жени на СДСМ на ОО Велес.”СДСМ е партија која препозна дека има неправедност кон жените и девојките и се бори тоа да го промени. Се залагаме за еднаква застапеност на жените на раководни позиции, но и се бориме против дискриминацијата и насилството врз жените. За таа цел Владата предводена од СДСМ за оваа година издвои двојно повеќе средства, односно 6,4 милиони денари за имплементација на Истанбулската конвенција и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство. Годинава ќе ја завршиме со 10 нови специјализирани сервиси за жртви од родово базирано насилство во 6 плански региони на Република Северна Македонија. Во моментот во скопскиот регион има воспоставено СОС линија, кризен центар за 24-48 часа сместување, долгорочно сместување до 6 месеци во шелтер центар, психо-социјална поддршка во прв семеен центар за жртви сторители и деца и правно зајакнување”, рече Царовска.
Царовска истакна дека борбата не е завршена затоа што се уште го имаме фактот дека секоја трета жена во Северна Македонија е жртва на семејно насилство.
“Зад статистиките стојат жени и девојки на кои насилството, стравот, дискриминацијата им се секојдневие. Се додека не изградиме свет каде сите ќе бидеме безбедни и еднакви. За ваков свет продолжуваме да се бориме секој ден од годината”, рече Царовска.
Владата истовремено работи и на други аспекти кои се особено важни во едно општество дел од нив се родовото буџетирање и вклучување на што повеќе жени на пазарот на трудот.
„Се радувам што минатата година стигнавме до 50% искористеност на активните програми и мерки за вработување од страна на жени. Тоа значи дека едноставно мерките се поадаптирани и ова е важен чекор за активација на жените на пазарот на трудот”, рече Царовска.