Имаме различно толкување на терминот „заедничка историја” кој е содржан во Договорот за добрососедство. Најдиректно кажано колегите од Бугарија со тоа сакаат да промовираат некаква политичка концепција и некаква идеологија, сакајќи да ни укажат дека до 1944 година ние сме имале заедничка историја, меѓутоа нивното сфаќање на заедничката историја подразбира дека тоа станува збор за еден народ, кој што имал еден јазик, една историја, едно минатото, вели професор д-р Ванчо Ѓорѓиев , член на македонскиот тим на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.
Според него, зедничка историја е во периодот на средновековието, кога Македонија била дел од бугарската држава, потоа периодот од 1915 до 1918 година, кога за време на Првата светска војна територијата на Македонија е окупирана од Бугарија и периодот од 1941 до 1944 година.
-Само тоа може да биде заедничка историја, другото е споделена историја. Нешто што во Европа и во светот секаде така се перцепира, затоа што ние можеме да имаме заедничка историја со сите околни народи и во таа смисла ако Договорот за пријателство и добрососедство се доведува во ситуација да зависи од работата на Kомисијата за историја тогаш тешко на овие народи и тешко на тие добри односи ако сета работа се се сведе на тоа, бидејќи во овој Договор има многу други точки. Ние сме реално овде, ние сме македонски народ со македонски јазик со македонска историја и нашите односи треба да зависат од тоа што е реалност-развивање на економската соработка, развивање на соработка во областа на културата, образованието и на многу други нешта, подвлекува професорот Ѓорѓиев.
Додава дека историјата е нешто што обременува и доколку некој мисли дека на друг ќе му ја натури својата перцепција за минатото, тогаш сериозно се поставува прашањето за какви добрососедски односи може да станува збор.
-Во секој случај Комисијата ќе продолжи и понатаму да работи. Во светот ниедна работа, ниедна комисија не завршила така одеднаш. Впрочем, искуствата од западно-европските земји, да речеме германско-полската комисија, француско-германската комисија, руско-полската комисија и други траеле со децении. Оттука, многу е интересно прашањето зошто некој инсистира толку бргу да се решаваат работите. Во таа смисла ние сакаме да останеме пасивни за време на изборите кај нас за да не се злоупотребува ова прашање, додава професорот Ѓорѓиев.
На прашањето дали има политички влијанија во работењето на комисијата, Ѓорѓиев со одговор.
-Ја можам да тврдам за нас, за мојата страна. Досега како професионалец никогаш не сум дозволил да влијае политиката врз мене, но дали тоа го има на другата страна може да видат и проценат сите. Колку влијаело врз македонскиот дел од комисијата зборува фактот што ние досега не подлегнавме на ниту едно влијание, бидејќи врз нас се даваа рокови од источната страна, од повеќе политички сегменти и на крајот на краиштата можам да кажам дека ставовите на македонската страна во комисијата ја предизвикаа и онаа резолуција во бугарскиот Парламент, па мислам дека поголем показател од тоа нема, рече Ѓорѓиев.
На прашањето пак дали е можно решение и како понатаму ако не се најде решение, Ѓорѓиев со став дека решенијата треба да се бараат во рамките на добрососедските односи и почитување на другиот.
-Штом вие не го почитувате другиот, оној со кој седите заедно на маса, тогаш е потешко. Но, едно од решенијата може и да не се бара решение за секое прашање. Политичарите имаат право кога сакаат и каде сакаат да положуваат цвеќиња и заеднички да чествуваат, но тоа не зависи од нас, од експертите. Ние имаме свои ставови, ние можеме да олеснеме за процесот, но не и даваме насоки, рече на крајот професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, член на македонскиот тим на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, кој учествува на дводневниот научен собир во Струмица за животот и делото на Христофор Жефарович.