Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ наместо да шират лаги, дезинформации и паушално да обвинуваат, имаат уште една шанса да се приклучат на вистинската страна и конечно да дадат некаков придонес за нашето зачленување во НАТО. Ги повикувам да го поддржат Предлог законот за одбрана во кој се вградуваат принципите на колективна безбедност.
Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ со денови да зборува за НАТО, а притоа да не сака да ги поддржи законските решенија што овозможуваат имлементација на НАТО стандардите во одбраната и безбедноста.
Во тој контекст им порачувам на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да заборават на партискиот интерес, да престанат да ги кочат проектите што носат развој и напредок и да работат во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија.
Во врска со обвинувањата дека до Собранието се доставени голем број закони, сакам да нагласам дека голем дел од законите за кои што треба да дискутираме и да гласаме на седницата на 11 декември се усогласување со Законот за прекршоци со кои се намалуваат казните за граѓаните.
Поради расправата за Буџетот за 2020 година и директниот телевизиски пренос, изминативе две недели во Собранието не можеше да се одржува пленарна седница.
Од тие причини, голем дел од законите што се во второ читање, како и новите предлози закони мораа да чекаат да бидат ставени на првата наредна пленарна седница откако ќе заврши комисиската расправа за Буџетот за наредната година.
Истовремено, ние како парламентарно мнозинство имаме обврска и сме должни да ги усвоиме законите како дел од проектите што треба да ги реализираме, особено со почетокот на новата фискална година.
Затоа, наместо опозицијата да го троши времето на паушални обвинувања и лаги, нека се сврти кон граѓаните и нека работи за нивно добро и нивна подобра иднина.