Вознемирувањето на работното место не е прифатлив дел од работната дисциплина, ниту од работната рутина во Министерството за одбрана и во Армијата, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на промоцијата на Упатството и Водичот за заштита од вознемирување на работното место на која беа доделени и сертификати на 35 родови претставници во Министерството и Армијата.
Како што истакна Шекеринска, 35-те родови претставници се советници кои ќе им бидат на располагање на сите вработени во Министерството и во Армијата, а ќе има родов претставник и во кабинетите на министерката, на началникот на Генералштабот, како и во сите единици на Армијата и сите организациски единици на Министерството.
-Родовите советници ќе бидат првиот контакт, првата помош кон сите оние кои што се соочиле со вознемирување и сакаат да го пријават и да добијат помош. На ваков начин ќе покажеме дека вознемирувањето не е дел и не смее да биде дел од работните навики, работната култура и ќе создадеме средина во која што ќе се чувствуваат пријатно и ефикасно и продуктивно и мажите и жените, рече министерката Шекеринска.
Со настанот, со кој МО и АРМ се вклучија и во глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојките”, а се одржа симболично во холот на Министерството каде се поставени портрети на наши историски хероини.
-Портретите на овие историски хероини покажуваат дека македонската жена била прифатена како партнер во војна. Немаме никакво оправдување денеска во мир да имаме дилеми околу нејзината способност и околу нејзината шанса да придонесе кон својата држава, истакна Шекеринска.
Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски додаде дека Генералштабот има јасен пристап во однос на оваа област и презема конкретни мерки на сите нивоа на командување во Армијата.
-Наскоро ќе биде именуван и родов советник во кабинетот на Началникот. Пристапот е нула толеранција за вознемирување на работните места, апсолутно јасна и гласна транспарентност во функционалноста на Армијата, секој да се чувствува достоинствено, гордо на работното место од аспект на третманот на женскиот пол во Армијата, рече генералот Ѓурчиновски.
Упатството и Водичот за справување со насилство, вознемирување на работно место, вклучувајќи и сексуално вознемирување се изработени во соработка со Канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.