🎄СВЕТНА НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ВО СКОПЈЕ🎄
Со вeчерашното светнување на елката на плоштадот „Македонија“ и отворањето на новогодишниот базар „Винтерленд“ симболично се означи почетокот на новогодишните празнувања во Скопје, а граѓаните ќе имаат можност да ја почувствуваат новогодишната магија и да уживаат во најразновидна забавна програма. На почетокот на новогодишниот базар присуствуваше Градоначалникот Шилегов, а празничната атмосфера беше збогатена со детска претстава проследена со новогодишни и божиќни песни. 🎅❄️🎉
– Имавме спектакуларно светнување на новогодишната елка, што за првпат го гледаме во нашиот град. Бидејќи ни претстојат денови исполнети со многу радост и среќа, Ве повикувам да го посетите Винтерленд и да уживате во богатата и разновидна програма секоја вечер за сите возрасти. На Скопјани им посакувам убави новогодишни празнувања – изјави Шилегов на отворањето на новогодишниот базар.
🎅Новогодишните куќички на „Винтерленд“ се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето на базарот, па се до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година. Во близина на куќичките ќе биде сместена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.❄️
🎅Во работните денови секој ден ќе има 2 часа детска програма која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има 3 часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно напладне.🎉
Градот Скопје ги поканува граѓаните да го посетат „Винтерленд“ и сите заедно да ја доживеат новогодишната атмосфера организирана по примерот на останатите европски плоштади.🎅🎄