Под драконски безбедносни мерки, огромен број специјални полициски единици, со дрон што ги следеше демонстрантите и со затворен голем дел од центарот на градот заврши протестот на учениците, студентите, но и анархистите по повод 11-годишнината од убиството на Алексис Григоропулос, 15-годишното момче кое на 6 декември 2008 беше застрелано од полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.
На чело на протестот низ улиците во Атина до грчкиот парламент беше блокот на анархистите, а веднаш зад нив и учениците и студентите.
Првиот протест закажан за денеска помина мирно и без инциденти, а вториот е закажан за 18 часот по локално време.
За безбедноста во Атина ангажирани се околу 4.sd/000 полицајци, хеликоптери и дронови, а доколку биде потребно, ќе бидат подготвени и цистерните со топови вода на грчката полиција за растерување демонстранти.
Безбедносните мерки и планот на полицијата се речиси идентични како и оние пред 20 дена за одбележувањето на годишнината од студентскиот бунт и падот на хунтата.
Изминатите години, протестите завршуваа со сериозни инциденти и судири меѓу полицијата и демонстрантите токму во Ексархија, населба што важи за собиралиште на анархисти.