Загадувањето на воздухот е причина за смртност на околу 3 000 лица годишно во државава и е петти главен ризик-фактор за смртност во светот. Изложеноста на висока концентрација на ПМ-честичките, според научните студии, предизвикува смртност од кардиоваскуларни, респираторни и други заболувања. Според експертите, нема брза победа на загадувањето, но мора да се дејствува, затоа што овој проблем не може да чека други времиња и други генерации. Првенствено треба да имаме целосна слика на што сè сме изложени, и во надворешниот и во внатрешниот простор. Реални податоци да ги адресираат главните загадувачи, да има транспарентност и да се дејствува, инспекторите да бидат постојано на терен, а сите институции да работат координирано.
– Има многу работи што не ги разбираме во однос на тоа како нашите емисии имаат влијание врз животната средина. Ако не ја разбираме динамиката на загадувањето на глобално ниво, тогаш тоа е како да летате со авион, а да не знаете како функционира и тоа е ризично, бидејќи летаме, а не знаеме кои се последиците од тоа, си играме со оган, вели Јонас Коивисто, специјалист за управување со загадување на воздухот и вонреден истражувач на Универзитетот во Хелсинки.
Како што истакнува, многу е важно да се знае изложеноста и од внатрешните извори на загадување, затоа што поголем дел од времето го поминуваме внатре, во затворен простор.
– Квалитетот на воздухот внатре зависи од надворешниот, од она што го имаме надвор. Во Европа од 50 до 60 проценти од загадувањето во внатрешноста доаѓа однадвор, потоа следуваат внатрешните извори на загадување во нашите домови, канцелариите, работните места. Не знаеме колкаво е влијанието на внатрешните извори на загадувањето врз изложеноста. Мораме да разбереме од каде доаѓа загадувањето, значи да има карактеризација на изворите, да ја мериме концентрацијата, биолошките одговори на изложеноста. Јас би сакал да го разберам целиот синџир на загадување на воздухот, почнувајќи од карактеризација на изворите до проценка на масовниот проток, изложеноста на луѓето и на крај колку апсорбираме во нашиот респираторен систем од различните загадувачи, смета Коивисто.
Не знаеме, дополнува, точно што предизвикува највисок ризик, односно кој од изворите, дали надворешните, отворено огниште или, пак, ласерски печатач, индустриска машинина со наночестички.
– Кога ја знаеме стапката на емисија ќе знаеме колку секој извор придонесува на нашето ниво на изложеност. Кога ќе имаме изворно специфична проценка на ризик, тогаш ќе знаеме кој е највисок извор. Ако го знаеме тоа, тогаш можеме директно да работиме на тој извор или на најлесниот и да се обидеме да ги намалиме емисиите и ризикот. Тоа е суштината, укажува Коивисто.
Пренесувајќи ги искуствата на неговата држава, потенцира дека е горд што Финска е меѓу петте топ држави со најниско ниво на загадување, но тоа сепак е најголем здравствен ризик за Финците.
– Имаме околу пет честички на кубен метар, но сè уште страдаат многу луѓе. Според студиите, безбедната граница на загадување со ПМ 2,5 е два – три микрограми по кубик. Ние сме од пет до десет во Финска, а реакцијата се зголемува повеќе ако се намали и треба да се потрудиме уште повеќе воздухот да ни биде подобар. Тоа моментно е најголем здравствен ризик за Финците и треба уште повеќе за да се исчисти. За да не биде главен фактор на ризик користиме нуклеарна енергија. И ние имаме стари возила, немаме густа населеност, вобичаено имаме добра инверзија во текот на зимата и загадувањето се разблажува. За жал, гориме многу дрва во сауните, тоа можеме да го смениме. Но, ова е многу чувствителна тема за Финците, си сакаме тивки простории, дрвени сауни, но сепак тука ќе треба да бидеме пофлексибилни, укажа Коивисто.
Ресорниот министер Насер Нуреди се согласува дека податоците се многу важни во борбата со загадувањето и најавува ставање во функција на сите станици и набавка на нови.
– Ако ги немаме податоците, нема да знаеме од каде е изворот на загадувањето, а ако не го знаеме изворот, не можеме да најдеме решение. Тоа се долгорочни работи. Краткорочните се да соработуваме со министерствата за внатрешни работи и за земјоделство, да ги мобилизираме инспекторите да бидат поактивни и да вршат мониторинг да видат кои се изворите на загадување за да преземеме мерки. Министерството за внатрешни работи нè поддржува и имаме позитивни ефекти, вели Нуредини.
Коментирајќи ги главните извори на загадување, ресорниот министер ги истакнува проблемот со несоодветното затоплување на домовите, енергетската ефикасност и транспортот што го користиме.
– Шеесет проценти од автомобилите што се на патиштата се под ЕУ-стандардите, со околу 20 проценти е застапена индустријата. Треба да преземеме мерки за да спречиме натамошно загадување и од аспект на тоа дали ние како граѓани го гориме отпадот, дали гориме разградлив отпад. Затоа инспекторите треба да прават длабински проверки во приватниот сектор и во фабриките и да најдеме долгорочни репенија. Министерството за животна средина е одговорно за политиките, ние ги пишуваме и работиме на предлог-закони, но треба да соработуваме со сите други институции, министерствата за транспорт, за образование, за здравство, да ги известиме луѓето кои се последиците и причините, треба да имаме меѓусекторски работни групи. Ние можеме да предложиме многу работи, но другите министерства треба да се согласат, вели Нуредини.
Меѓу долгорочните решенија за справувањето со загадувањето експертите велат дека сè повеќе треба да се применува концептот паметни или зелени градови. Тоа е инвестициска рамка од 1,5 милијарда евра на Европската банка за обнова и развој се наменети за вложувања во еколошка инфраструктура. Од државава засега само Скопје е дел од програмата на ЕБОР за зелени градови со која се опфатени 305 метрополи во 92 држави. Од ЕБОР велат дека има интерес да се вклучи и Куманово, но оти мора да има резултати од досегашните активности.
– Акцискиот план за Скопје зелен град се завршува. Моментно во тој план се идентификувани приоритети и инвестиции за справување со еколошките проблеми, а првиот е квалитетот на воздухот. Сето ова е поврзано со инвестиции. Веќе имаме иницијална инвестиција за замена на автобусите. Старите дизел-автобуси ќе се заменат со ЦНГ-автобуси. Се работи и на енергетска ефикансост. Скопје е единствениот град во Северна Македонија. Треба да се приклучат другите градови, вели Најџел Јоланд, раководител на одделот за производствена политика и зелени градови во секторот за енергетска ефикасност и климатски промени во ЕБОР.
Оваа програма, информира, привлече внимание од многу донатори, како што е Фондот за зелена клима и успеавме да ја обезбедиме првата транша од 234 милиони евра за концесиски права и грантови за поддршка на инвестиции во девет држави кои се пријавија за учество во овој фонд, меѓу кои и Северна Македонија.
– Овие пари сега се достапни за поддршка на Скопје, Куманово и други градови во нивните напори да се справат со еколошките проблеми. Ова значи дека е заокружена финансиската рамка и треба да се дејствува затоа што времето не е наша страна, порачува Јоландс.
Како што изјави за МИА директорот на ФИТР Јован Деспотовски, иновациите и Фондот може да имаат значителна улога во промоција и практично спроведување на концептот на паметен град, а токму стартап-компаниите и младите луѓе генерално да имаат главна улога во дизајнирање на градовите во кои сакаат да живеат.
– Секако дека имаме интерес да поддржиме проекти поврзани со концептот паметен град. И во рамките на постојните програми и иницијативи се реализираат проекти кои може да најдат ваква примена. Ќе го споменам проектот за паментни водомери, што веќе е во тест-употреба во Општина Кичево, но и неколку други во делот на намалување на загадувањето на воздухот што неодамна ги презентиравме. Тука, секако, мора да најдат место и дел проекти што се реализираат во областа на управувањето со човечките ресурси, како посебно значајни за зголемување на ефикасноста, но и квалитетот на јавните услуги. Минатата година еден ваков проект, за зголемување на ефикасноста и квалитетот на јавните услуги започнавме со Министерството за транспорт и врски. Станува збор за развој на софтверско решение за управување со процесот на издавање транспортни дозволи, изјави Деспотовски.
Истиот пристап, укажува, може целосно да се примени и при процесот на издавање одобренија за градби на локално ниво. Она што е важно е дека во овие проекти главен збор има домашниот реален сектор. Креативноста и иницијативата што ја поседуваат, особено помалите фирми, се пресликуваат во јавниот сектор, што е многу важно. Притоа се избегнува користење скапи странски консултанти што треба да подготват спецификации, нарачки итн., кои обично траат многу време и повлекуваат многу пари.