Денес во Берлин, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на конференцијата „Балкански дијалози” во ко-организација на Минхенската безбедносна конференција, EAST WEST Институтот и Белградскиот фонд за политичка извонредност (BFPE).
Во своето обраќање на пленарната сесија насловена „Заживување на европската перспектива на Западниот Балкан”, министерот Димитров образложи дека Северна Македонија е заинтересирана што е можно поскоро Европската комисија да го изработи и претстави пред земјите-членки својот предлог за подобрување на пристапниот процес. Укажа дека земјата покажала високо ниво на зрелост и мудрост и ќе го продолжи засилениот ангажман во правец на исполнување на ЕУ реформите. Во меѓувреме, истакна Министерот, добредојдени се сите добронамерни размислувања кои ќе придонесат за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и кои ќе ги направат преговорите подобро структурирани, поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни. МНР Димитров потенцираше дека економската интеграција во ЕУ не може да се одвива без својот политички дел, ниту да се нуди како привремена замена за полноправно членство.
„Северна Македонија, преку процесот на стабилизација и асоцијација, 15 години се подготвува за членство и има постигнато високо ниво на усогласеност во многу области на законодавството на ЕУ. Со оглед и на историските и храбри исчекори во надминување на сензитивни билатерални прашања, земјата без никакви дилеми го заслужи почеток на преговорите.” – МНР Димитров.
Министерот ја нагласи важноста и потребата земјите-членки во Советот без одлагање да постигнат консензус за почетокот на преговорите со Северна Македонија. Јасната европска перспектива и крајната цел за полноправното членство треба да бидат недвосмислено потврдени со конкретни дела, бидејќи истото е од заемен интерес за регионот на ЗБ и за ЕУ. Без таа јасна перспектива напорите за решавање на преостанатите важни билатерални спорови во регионот ќе останат залудни. Во рамки на посетата, МНР Никола Димитров имаше средби и со Уве Корсепиус, советникот за ЕУ на Канцеларката Меркел, со претставниците на германското Министерство за надворешни работи, Томас Осовски, ополномоштеник за ЕУ и Сузане Шуц, ополномошник за Југоисточна Европа, како и со Пјер Мирел, Почесен Генерален директор, Европска Комисија кој беше еден од панелистите на конференцијата.
На средбите, меѓу другото беа разменети мислења за ситуацијата во земјата и регионот после исходот на октомврискиот Европски самит, за францускиот предлог за нова методологија, следните чекори во насока на постигнување консензус за одлука за почеток на пристапни преговори и за конференцијата за иднината на Европа. Беше поздравено и учеството на македонската делегација на лидерскиот состанок во Лондон и изразено заемно задоволство од очекуваното набрзо комплетирање на долгоочекуваниот процес на евро-атлантска интеграција на Северна Македонија, една од двете главни стратешки цели на земјава, што е од значаен интерес за стабилноста и сигурноста на Европа.