– Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, ќе го напушти клубот по крајот на оваа сезона, разочаран од слабото претставување на „топџиите”.
Според британскиот таблоид „Мирор”, напаѓачот од Габон ги прекинал преговорите со лондонското раководство за нов договор и изразил желба да го напушти „Емирати”. Обамејанг им порачал на газдите на Арсенал дека сака да се бори за трофеи и не гледа како може да го стори тоа со овој тим.
Разочарувањето на Обамејанг доаѓа по најлошата низа на Арсенал по повеќе од 40 години. Поразот на „топџиите” од Брајтон во понеделникот беше деветти по ред натпревар без победа за лондонскиот тим. 30-годишниот Обамејанг е еден од малкуте успешни играчи на Арсенал оваа сезона, постигнувајќи 12 голови на 17 настапи на сите турнири, а за неговиот клуб вкупно запишал 53 голови на 83 настапи во Премиер лигата.
Сепак, единствените трофеи во кариерата на Обамејанг досега се Купот на Франција и Германскиот куп.
Тековниот договор на напаѓачот истекува по 18 месеци, што значи дека ако тој не потпише нов договор, следното лето ќе биде последната шанса на Арсенал да собере пари за еден од неговите најдобри играчи. Во спротивно, може да го изгуби со бесплатен трансфер.