Напад врз полицаец е напад врз Државата, а Обвинителството не побара притвор за ниту еден од напаѓачите од Александар Палас, реагираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат-М. Како што рече Спасовски, Обвинителството не определило мерка притвор и за други случаи за тешки прекршоци.
-Македонија беше зафатена со пожари. Имавме ситуации во кои се фатени на лице место луѓето коишто опожаруваат одредено подрачје, целата таа постапка оди по редовен пат. Или најблаго речено, за било кој напад на службено лице, напад на полицајци, тоа е напад на Државата, ниту една постапка не заврши со притвор за било кој напаѓач, туку сите одат по редовна постапка, рече Спасовски.
Првиот човек на МВР, повтори дека жали што Обвинителството не побарало ниту една мерка притвор за лица кои биле дел од вооружениот инцидент во хотелот Александар Палас и кои упатувале закани кон полициски службеници.
-Има голема веројатност дека има поврзаност меѓу двата настани (судирот со Алфите и пукањето меѓу двете групи). Мора да се испрати силна порака дека државата се бори со криминалот. Искрено жалам што ОЈО немаше храброст да побара мерка притвор. Сите завршија со други мерки, одземање на пасоши, јавување во Суд, а станува збор за напад на полициски службеници. Државните органи мора да функционираат. Криминалци постојат секаде и ги има секаде. Случаите ќе се расчистуваат, реагира Спасовски.