„Разрешувањето на сите судии компромитирани со прислушкуваните разговори е првиот чекор кој треба да се направи во рамки на една сеопфатна и темелна стратегија за реформа на правосудниот систем во државата. Судските рецидиви од мрачните времиња на претходната власт ги подриваат институционалите капацитети за испорачување на правда во општеството и законско санкционирање на криминалот и корупцијата. Егзистенцијален императив за државата е нивното отстранување од судските инстанци“, порача претседателот на НСДП, Тито Петковски во своето обраќање на локалната изборна конференција на партиската општинска организација во Битола.
Петковски осврнувајќи се на значењето кое економијата го има за демократските процеси во државата истакна дека тежнението и напорите за подигнување на нивото на демократска политичка култура се осудени на неуспех во услови на сиромаштија и висок процент на невработеност. Економската благосостојба на граѓаните ги зацврстува демократските темели на државата.
„Економскиот раст и развој на демократските држави во 21-от век во најголем степен се условени од нивото и квалитетот на образованието. Затоа во Северна Македонија образованието треба да го третираме како најголема капитална инвестиција, како државен приоритет. Треба да веруваме дека е можно образование што не идоктринира, кое не извршува идеолошки функции на легитимирање на отуѓени политички центри. Да бидеме уверени дека може да изградиме образование кое ќе формира културни, критички, мислечки и слободоумни луѓе, способни да изградат демократска свест“, рече Петковски.
Ставањето на акцент на заштитата на животната средина мора да биде фокусот на секоја модерна политичка партија, порача Петковски, притоа дополнувајќи дека во економското зајаканување на државата мораме да водиме грижа и за идните генерации, за тоа што економскиот раст и развој ќе остават во наследство. Според него, за остварувње на оваа цел потребни се темелени поместувања во енергетиката.
„Усогласувањето на економските цели и заштитата на животната средина во Северна Македонија може да не е противречно. За да го оствариме ова треба само да ги искористиме ресурсите кои ги имаме во изобилство, кои воедно најлесно и најефтино ни се достапни. Ветрот и сончевата енергија, кои ги имаме во изобилство, ни надаваат доволно цврста подлога за напуштање на фосилните горива како основен енергенс. Пелагонија треба да биде најголем извор на здрава храна во земјава, а не извор на разни ПМ честички, смогови и други отпадни производи од работењето на РЕК Битола. Преку силна државна поддршка на користењето на алтернативните извори на енергија во државата, затворањето на термоелектраната која го труе пелагонискиот регион, воопшто не би било економски или пак социјално трауматично“, рече Петковски и дополните дека тој процес теба да биде пропратен со целосна либерализација на енергетскиот сектор во делот на производството и потрошувачката.
На вчерашната изборна конференција на општинската организација на НСДП од Битола се избра ново локално раководство. За претседател на општинскиот огранок делегатите на конференцијата го избраа Драги Крстев, воедно избирајќи и нови членови на Извршниот и Надзорниот одбор.