Поранешната словенечка дипломатка Симона Дреник најави дека ќе го тужи словенечкиот Парламент, доколку не повлече извештај на парламентарната комисија за контрола на тајните служби, во кој е наведена како главен виновник за неуспехот на арбитражата во врска со пограничниот спор со Хрватска.
Адвокат ангажиран од Дреник за Словенечката телевизија изјави дека извештајот го крши нејзиното право на приватност. Затоа тој, во име на Дреник, побарал веќе објавениот јавен дел од извештајот да се отстрани од веб-страниците на Парламентот и да се откаже специјалната затворена седница планирана за средината на месецот.
Ако Парламентот не се согласи, Дреник е подготвена да поднесе тужба за да го заштити своето име, рече нејзиниот адвокат.
Тој додаде дека, според нивна проценка, парламентарната комисија ги надминала законските овластувања со вклучување на Дреник во текстот на извештајот.