Грузиецот убиен во Берлин беше еден од организаторите на терористичките напади во московското метро, изјави рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција по самитот на Нормандиската четворка во Париз, пренесува ТАСС.
„Тој беше еден од организаторите на нападите врз московското метро“, рече Путин.
Рускиот претседател потсети дека грузискиот државјанин учествувал во борба од страната на сепаратистите на Кавказ и бил ставен на листата барани лица.
„Тој беше милитант. Деведесет и осум лица беа убиени во еден од нападите во кои учествуваше“, истакна Путин.
По дипломатскиот судир поради убиството на Грузиецот во Берлин, Путин се закани дека ќе реагира соодветно на потегот на Германија да протера двајца руски дипломати, посочува „Дојче веле“.
„Постојат непишани закони во вакви случаи: вие ги протеравте нашите дипломати, ние ги протеруваме вашите“, рече Путин по разговорите за украинскиот конфликт.
Германија ги протера вработените во руската амбасада минатата среда поради несоработката на Москва во истрагата за убиството. Федералните обвинители рекоа дека доказите укажуваат на вклучување на руската или чеченската држава во убиството.
Кон крајот на август, 40-годишниот Зелимхан Кангошвили беше егзекутиран во парк во Берлин. Тој бил на велосипед и пукал со огнено оружје кон жртвите.
Кангошвили бил барател на азил со чеченско потекло од Грузија, кој се борел против Русите како сепаратист за време на Втората чеченска војна од 1999 до 2009 година. По војната, тој, наводно, работел и во Украина и во Грузија против руските интереси.
Тој поднел барање за азил во Германија во 2016 година по повеќе обиди за негово убиство во Грузија. Сепак, неговото барање за азил било одбиено и тој чекал за депортација.
Во средата, германските федерални обвинители рекоа дека има доволно докази за да се укаже дека убиството на човекот можеби е извршено во корист на Русија. Истиот ден беа најавени и протерувања на дипломатите.