Подготовката за патувањето на грчкиот премиер во САД од 6 до 8 јануари 2020 година и средбата со американскиот претседател Доналд Трамп беше во фокусот на средбата на Кирјакос Мицотакис со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Пајат на нивната средба во премиерската палата разговараа и за содржината на дописите што Грција ги испрати до Генералниот секретар на ОН и Советот за безбедност во однос на турско-либискиот договор, а грчкиот премиер, на амбасадорот на САД му ги анализирал позициите на Атина во однос на активностите на Турција.
– Одлична средба со премиерот за да разговараме за неговото патување за да се сретне со претседателот на САФ на 7 јануари, јасен сигнал за растечката важност на Грција во Вашингтон како столб на стабилноста во овој критичен и комплициран регион и нашата заложба за поддршка на целосно економско закрепнување на Грција, напиша амбасадорот на САД во Атина на неговиот официјален Твитер профил по средбата со Мицотакис.
Средбата Мицотакис – Трамп, како што веќе објави МИА е закажана за 7 јануари следната година.