– Новите генерации мора да ја продолжат борбата за одбрана на човековите права, затоа што опасноста од уназадување и ускратување на основните права, за жал, сѐ уште е присутна во сите делови на светот, порачуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права по повод одбележувањето на 10 Декември – Меѓународниот дерн на човековите права.
-Поаѓајќи од тоа дека човековите права се универзална придобивка за човештвото, но и фактот дека борбата за нивно зачувување и унапредување никогаш не престанува, Хелсиншкиот комитет за човекови права обрнува посебно внимание на младите. Од континуирано алармирање и давање препораки за справување со штетните појави кои директно ги засегааат младите луѓе, до едукација преку Школите за човекови права. Хелсиншки верува дека знаењето на младите да препознаат и да се справат со дискриминацијата и омразата во општеството е клучен чекор кон подобра иднина, стои во соопштението од ова здружение на граѓани.
Воедно, се упатуваат апели за темелна промена на образовниот ситем.
-Во таа насока, денеска ги повторуваме нашите апели за темелни промени во образовниот систем кои ќе ги оспособат младите за критичко мислење, ненасилно решавање на конфликти и справување со предизвиците во секојдневието. Повикуваме и на поголема вклученост на младите во носењето на политичките одлуки. Со оглед на растечкото насилство помеѓу младите и врсничкото малтретирање, ги повикуваме институциите, родителите и сите општествени чинители итно да се заложат за решавање на овој проблем кој носи далекусежни последици, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
По повод Меѓународниот ден на човековите права, вечерва, ќе се одржи и проекција на филмот „Layla, M.”, на режисерката Mijke de Jong, кој е првиот од низа проекции на овогодишното издание на филмскиот фестивал “Movies that Мatter”, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Амбасадата на Кралството Холандија. Проекцијата ќе започне во 19 часот, во социјалниот клуб Комитет (катна гаража Беко).
На 10 декември 1948 година усвоена е Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации (ООН), клучен документ кој ги одредува неотуѓивите права кои му припаѓаат на секое човечко суштество. Оттогаш овој ден се прославува како Меѓународен ден на човековите права.
„Младите во одбрана на човековите права” е годинешната тема на овој ден, кој следи по одбележувањето на 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Целта е фокусот да се стави на улогата на младите во колективните движења како извор на инспирација за подобра иднина. Со таа цел, ООН подготви кампања наменета за охрабрување на младите да застанат во одбрана на човековите права и да се спротивстават на говорот на омраза, врсничкото насилство и дискриминацијата, но и да го кренат гласот за поголема активност на светско ниво околу климатските промени, посочуваат од Хелсиншкиот комите.