На покана на грчкиот премиер Прокопис Павлопулос, претседателот на Србија Александар Вучиќ од денеска е во официјална посета на Грција, а освен на средби со домаќините, ќе се одржи и третиот Висок совет за соработка меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Српскиот претседател утрово ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, по што ќе следи средба со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос. Во продолжение Вучиќ ќе биде примен од градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис и ќе му биде доделен Златен медал за заслуги на градот Атина.
Во вечерните часови, српскиот претседател ќе присуствува на официјална вечера што во негова чест ја организира Павлопулос.
Утре, Александар Вучиќ ќе има средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по што ќе следи и средба на двете делегации во рамките на третиот Висок совет за соработка меѓу Грција и Србија.
Српскиот претседател и грчкиот премиер се очекува да потпишат и Заедничка декларација за воспоставување стратешко партнерство меѓу Србија и Грција.
За време на официјалната посета на Атина, планирано е Вучиќ да се сретне и со поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас и со грчкиот архиепископ Јеронимос.