Лажните вести се шират побрзо отколку традиционалните и затоа ни е потешко да се справиме со важните прашања како на пример природни катастрофи, терористички напади, избори, итн., посочи проф. д-р Боби Илиев од Универзитетот Кентаки во САД, кој одржа предавање за лажните вести на Правниот факултет „Јустинијан Први” по повод 10 декември – Меѓунарондиот ден на човековите права, кој се чествува и како Ден на Факултетот.
– Лажните вести прераснаа во глобален проблем. Не можеме сами да се избориме против лажните вести. За да се справиме со нив, потребен е координиран пристап, кој може да вклучува и кампања за медиумска писменост, алатки за автоматско детектирање, како и обуки, но и да се овозможи сторителите да одговараат за нивните постапки. Дваесет и четири отсто од корисниците на социјани медиуми ќе споделат лажна вест, од нив 14 отсто знаеле дека веста што ја споделуваат е лажна, рече Илиев.
Според него, големата изложеност на новински статии, која е резултат на растот на социјалните медиуми и појавата на граѓанско новинарство, каде што луѓето можеби ги немаат соодветните квалификации, а ни соодветен морален компас, но споделуваат информации кои можеби не се точни. Тој додаде дека и покрај тоа, бомбардирани сме и од новински извештаи кои содржат проверени информации.
Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, проф. д-р Горан Коевски посочи дека живееме во свет на растечки ксенофобичен популизам и расистички говор на омраза кои оставаат трага на политичката клима во многу земји во светот и во Европа.
– За присуството на атимигрантски сентименти, навреда на лицата со различно потекло и занемарувањето на Ромите во многу од земјите во Европа редовно известува и Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата. Овој тренд како дел од многуте негативни трендови е пресретнат со идејата за зголемување на свесноста и акцијата на глобално ниво предводена од Агендата 2030, која содржи три главни димензии: универзалност и напредок на сите луѓе во сите сфери; интеграција поврзано во заеднички систем и трансформација и правење на големи фундаментални промени во начинот на кој живееме на планетата, рече Коевски.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски истакна дека денеска и ние како и целото општество се соочуваме со предизвикот наречен одржлив развој, кој има намера да обезбеди континуиран напредок на квалитетот на животот и благосостојба на државата и да се обезбеди одржлив развој за сегашните генерации за да не се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации и тоа во три генерални аспекти: социјален напредок, економски развој и животна средина.
Во рамки на програмата за одбележување на Меѓунарондиот ден на човековите права беше прикажан и филмот „Dying for Europe” во коорганизација со Меѓународната организација за миграции (ИОМ), кој беше проследен со дискусија.