И Македонија се солидаризира со петте балканските земји, кои одлучија денеска да го бојкотираат доделувањето на Нобеловата награда за литература на контроверзниот австриски писател Петер Хандке, објави Канал 5
Од МНР за Канал 5 ја потврдија информацијата, но не ги наведоа причините за неприсуството во Стокхолм, иако е повеќе од извесно дека и Македонија го следи примерот на Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Турција, кои ја бојкотираат церемонијата во Шведска поради ставовите на Хандке во минатото, кој јавно застануваше зад режимот на Милошевиќ и неговите воени активности во регионот. Благодарност до Димитров јавно упати косовскиот колега, Беџет Пацоли.
-Благодарност до Никола Димитров за бојкотот на церемонијата на доделување на Нобеловата награда на Питер Хандке. Македонија застана со нас во најтешките периоди во 98-ма и 99-та година кога Милошевиќ ги изврши злосторствата на Косово. Хандке не застана покрај жртвите, туку покрај Милошевиќ., напиша косовскиот министер за надворешни Пацоли на Твитер
77—годишниот Хандке е драмски писател, романсиер и поет, а признието за литература го навлече гневот во повеќе земји. Во центарот на Сараево денеска осамна билборд со порака до Нобеловиот Комитет „Засрамете се“, како потсетување на ставовите на Австриецот дека го оправдувал геноцидот во Босна. Хандке во март 2006-тата присуствуваше и на погребот на Милошевиќ, од каде одржа и говор.
-Јас знам дека не ја знам вистинната. Но гледам, слушам и чувствувам. Затоа сум денес присутен близу Југославија, близу Србија, близу до Слободан Милошевиќ., изјави Петер Хандке (март 2006)
Жестока реакција денеска упати и турскиот претседател Ердоган, кој како што рече, доделувањето наградата на расист, кој го негира геноцидот во Босна и Херцеговина е признание за кршење на човековите права.