Претставници на Министерството за земјоделство Шумарство и водостопанство – Подрачна единица Делчево денес ги посетија земјоделците од Македонска Каменица, кои се на листата на чекање за добивање картички за зелена нафта. Како дел од посетата како што информираа од подрачната единица на МЗШВ Делчево која го покрива и реонот на М.Каменица, последните картички за зелена нафта беа доделени на земјоделците од селата Цера, Косевица, Саса и други села.
– Ги поделивме и последните картички за ,,Зелена нафта” на лица кои не се во можност да ја посетат подрачната единица во Делчево. Со оваа мерка земјоделците добиваат 30 проценти поевтина нафта која мерка за прв пат се донесе оваа година. Благодарност до АПРЗ стручна канцеларија Македонска Каменица за нивната помош, истакнаа од МЗШВ Делчево.
Во Пијанечкиот крај, во општините Македонска Каменица и Делчево со ваквиот вид на субвенционирање беа опфатени околу 1.200 земјоделци. Земјоделците од каменичкиот и делчевскиот регион, заедно имаат на располагање 2,4 милиони денари за оваа намена, што според претставниците на МЗШВ ќе значи поекономично производство и намалување на трошоците на земјоделците.
Претходно последните картички за зелена нафта беа распределни и на земјоделците од општините Пехчево и Берово.