Рускиот претседател Владимир Путин ја коментираше одлуката на Светската антидопинг агенција (ВАДА) во врска со четиригодишната суспензија на спортистите од оваа земја. Тој побара руските спортисти да настапуваат под државното знаме.
-Треба да ја анализираме оваа одлука на ВАДА за руските спортисти. Најважно, според мое мислење, а мислам и дека сите се согласуваат со ова, е дека секоја казна, како што беше од времето на римското право, треба да биде индивидуална и да тргне од она што го сторило едно или друго лице. Казните не можат да бидат од колективна природа и да важат за луѓе кои немаат никаква врска со одредени прекршувања. Мислам дека стручњаците од ВАДА го разбираат и ова, но ако некој од нив донесе вакви одлуки за колективни казни, тогаш ми се чини дека има причини да верувам дека ваквите одлуки не се засноваат на чистотата на светските спортови, туку имаат политичка заднина. Ова нема никаква врска со интересите на спортот и олимпиското движење, изјави Путин.
Извршниот комитет на ВАДА вчера ги одобри препораките на комитетот за усогласеност и ги утврди санкциите за Русија. Овие вклучуваат четиригодишна забрана за настап на руски спортисти на меѓународни турнири под знамето на земјата, како и натпревари на територијата на Руската Федерација.