Претседателот на Косово Хашим Тачи го посети денеска, по повод Светскиот ден на човековите права, Меморијалниот центар во Рачак, неколку дена откако српскиот претседател Александар Вучиќ масакрот врз 45 цивили во 1999 година во тоа село го нарече „измислица”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обвинувајќи ја Србија дека во последната војна извршила геноцид во Косово, Тачи апелира рачанската трагедија да не се заборави никогаш, затоа што, како што рече, таа „претставува кулминантна точка на масакрите и злосторствата против човештвото извршени од српската држава во Косово”.
– Србија во Косово изврши околу 400 масакри против цивилите Албанци. Уби околу 1.300 деца и силува околу 20 илјади жени. Во исто време имаме околу 13 илјади цивили Албанци убиени. Нагласувам: Рачак претставува кулминантна точка на масакрите и злосторствата против човештвото извршени од српската држава во Косово. Србија изврши геноцид во Косово, но за жал тие што го извршија тоа злосторство против човештвото и геноцидот се уште не се истражени и не се изведени пред лицето на правдата, изјави Тачи.
Тој ја обвини меѓународната заедница дека со нејзиното молчење му овозможи на српското раководство да ги негира воените злосторства.
– Молчењето на меѓународниците и нивното неодавање почит на жртвите, посебно тука во Рачак, кој е, повторувам, кулминацијата на масакрите од страна на српската држава, им ја отвори устата и го амнестира актуелното раководство на Србија да претендира со гордост да ги негира злосторствата против човештвото и геноцидот во Косово, ијави Тачи.
Косовскиот претседател им порача на српските лидери дека „иднината не се гради со негирање на злосторствата, па дури и со етикетирање и навредување на убиените”.
– Иднината ќе може да се гради само тогаш кога српските лидери ќе ги признаат злосторствата и ќе побараат извинување, изјави Тачи, додавајќи дека злосторства како оние во Косово, Србија има извршено и во Босна и Херцеговина и во Хрватска.
Вучиќ деновиве застана во одбрана на поранешниот министер за администрација и локална самоуправа на Косово Иван Тодосијевиќ, кого Основниот суд во Приштина минатиот четврток, на 5 декември, го казни со две годиниу затвор заради „поттикнување национална, расна, верска или етничка омраза, раздор и нетрпеливост”.
Тодосијевиќ е казнет затоа што во март годинава, на 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО врз Србија, ги нарече Албанците измамници, ја негира хуманитарната катастрофа во косовската војна, а масакрот во селото Рачак во 1999 година го нарече „измислица”.
Претседателот на Србија ја оцени одлуката на судот во Приштина како „страшна” и порача дека и тој и сите претставници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), чиј припадник е Тодосијевиќ, ќе продолжат да тврдат дека масакрот во Рачак е фабрификуван.
Вучиќ го обвини за измама и шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово Вилијам Вокер, дека лажел кога објави дека српските сили извршиле масакр врз 45 цивили Албанци во Рачак, што беше директниот повод за започнување на воздушната кампања на НАТО врз српски цели во март 1999 година, што заврши со повлекување на српските сили од Косово во јуни истата година.