Македонски режисер Милчо Манчевски минатата недела беше во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во кинескиот град Хаинан, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара.
Ова е нов фестивал, лансиран минатата година со ѕвездите Џони Деп, Жилиет Бинош, Мадс Микелсен, Николас Кејџ и Џеки Чен, а на годинашното второ издание на црвениот килим прошетаа и холивудската ѕвезда Итан Хок, иранскиот оскаровец Асгар Ферхади, оперската дива Сара Брајтман и голем број азиски филмски и музички ѕвезди.
Куриозитет на фестивалот е тоа што филмските проекции се одржуваат на отворено, во огромното гледалиште на една од најпознатите азиски плажи во градот Санја. Фестивалот привлече големо медиумско вниманите од азиските и светските медиуми.
Манчевски и колегите ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата „Златен кокос” ја доделија на кинескиот филм „Балон”. Кинеските медиуми пренесуваат дека претседателката на жирото Изабел Ипер рекла дека филмот е нејзино семејство и иако сите сме од различни култури и земји, сите сме обединети кога станува збор за уметноста, а Манчевски рече дека за еден филм единствено е важно да ти го допре срцето.
Милчо Манчевски е почитуван уметник во Кина и неговите дела се многу познати во оваа земја. Во 2017 година Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија. Тогаш, на јубилејното 20-то издание на Филмскиот фестивал во Шангај беа прикажани сите негови филмови, тој беше и во жирито за главната награда на Фестивалот, одржа и мастерклас на Универзитетот во Шангај, беше отворена и негова изложба фотографии, а беше промовирана и негова книга што е издадена во Кина.
Манчевски и Ипер по вторпат се среќаваат во Кина, отакако на фестивалот во Шагај во 2017 година тие заедно во улога на презентери на сцената ја објавија и главната филмска награда.