Суми од 12, 5, 18 и 24 милиони денари биле повлекувани на неколки пати во декември 2018 и февруари 2019 година од приватните сметки на Камчеви, сведочеше вработена кај Орце Камчев на денешното рочиште за „Рекет”. Претходно сведочеше сопругата на Камчев, Ана, која одговараше на директните и вкрстените прашања на обвинителството, како и на адвокатите на Боки 13 и Катица Јанева.
Сведокот Мирјана Бошковска, девизен референт во „Орка холдинг”, рече дека во декември 2018 година и во февруари годинава има вадено на неколку пати поголеми суми од приватни сметки на семејството Камчеви.
– Во декември имаше 12 милиони денари, пет милиони и нешто повеќе од пет милиони денари. Ги менував во менувачница во евра. Во февруари извадив 18 милиони и 24 милиони денари од сметките на сестрата и мајката на Камчев. Со обезбедување отидов во менувачница и ги заменив во евра. Потоа ги однесов во домот на Камчеви и таму заедно со Камчев ги средив парите и направив спецификација, по што си заминав, рече сведокот Бошковска.
На прашање од Боки 13, во што ги донела парите во домот на Орце Камчев, сведокот рече во две спортски торби.
– Точно 710 илјади евра во две спортски торби, изјави Бошковска.
На прашање од одбраната на Катица Јанева, сведокот рече дека во декември не направила спецификација на повлечените средства.
– Само во февруари направивме спецификација заедно со Орце Камчев, рече сведокот Бошковска.
Следното рочиште од судењето за „Рекет” е закажано за 25 декември, кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.
Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание”.
Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.
На првото рочиште за „Рекет”, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.