Можеби Артан Груби не знаел, но владините коалициони партнери од ДУИ знаеле дека целиот Закон за јазици ќе биде испратен на разгледување во Венецијанската комисија. Ова го тврди премиерот по синоќешната изјава на пратеникот, дека ДУИ очекувале само два члена од законот да се испратат во Венеција. Сега се бара начин, како препораките да бидат вметнати во законот, откако ДУИ остро се спротивставија на измени.
Синоќа во Топ Тема, пратеникот Груби тврдеше дека, од Министерството за правда го испратиле целиот закон на оценување, без знаење на ДУИ.
Од министерството за правда негираат дека тие го испратиле законот во Венецијанската комисија. Велат дека тоа го сториле од владата и дека препораките треба да се почитуваат.
ВМРО-ДПМНЕ подготвуваат амандмани на законот, за кои бараат поддршка и од СДСМ.Побараа и расправата за измените да оди по редовна, а не скратена постапка.
Претседателот на Собранието, сепак, застана на страна на својата партија-ДУИ. Изјави дека, никакви измени на законот нема да поминат во Собранието.
Во мислењето на Венецијанската комисија стои дека, употребата на албанскиот јазик во некои делови е прешироко. Зборовите „комплицирано„ и „нема доволно време„, се употребуваат често во мислењето. Сметаат дека ќе се забават судските постапки, што е спротивно со правото на судење во разумен рок, а дел од Законот ги надминува минималните предвидени стандарди за заштита на малцинствата.
Во одредени области, велат, законот оди предалеку со наметнување на нереална правна обврска врз јавните институции. Препорачуваат да се измени чл. 3 од Законот со кој се обезбедува употреба на албанскиот јазик во внатрешната и внатре-институционалната комуникација. Забележуваат и дека е екстремно широк опфатот на водењето на постапките пред јавните институции на македонски и на албански јазик.
Предупредуваат и дека наметнувањето на употреба на албанскиот или на кој било друг малцински јазик врз граѓаните е повреда на индивидуалното право на слободата на изразување. За идејата за двојазични униформи и банкноти, велат дека е надвор од европските рамки. Препорачуваат намалување или одложување на паричните казни предвидени за кршење на законот, кои според нив, се превисоки.
Целиот текст прегледајте го на ТЕЛМА