Со грант од Јапонија од 79,8 милиони јени (околу 663.000 евра), Националната опера и балет (НОБ) ќе набави нови музички инструменти, пултови и столчиња за музичарите во оркестарот и опрема за озвучување и осветлување.
Договори за грантот денеска потпишаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, директорот на НОБ, Васо Ристов и Џиро Такеичи, извршен директор на Јапонската агенција за меѓународна соработка „ЏАЈКА Балкан” преку која ќе се направи набавката.
Претставниците на Јапонија очекуваат донацијата да го подобри квалитетот на оркестарот и настаните во НОБ и дека ќе придонесе за развој на нови генерации уметници, а нашите претставници искажаа задоволство и благодарност од поддршката на Јапонија со која оваа година се одбележуваат 25 години дипломатски односи.
– Ова е втор проект за поддршка за музички инструменти по донацијата во 2001 година за Филхармонијата. Задоволство ми е што тој проект успешно придонесе во општеството. Посакуваме и новиот грант за НОБ да го подобри квалитетот на изведбите и очекуваме дека ќе ги зајакне нејзините активности особено во едукацијата и градењето капацитети за младите во Северна Македонија, истакна амбасадорката Ханеда.
Вицепремиерот Османи, кој е и национален координатор за странска помош, истакна дека Јапонија е конзистентна во поддршката и помага во разни области уште во првите години од осамостојувањето. Тој посочи и на многу проекти и донации во здравството додека бил министер во тој ресор.
– Билатералната помош од Јапонија се разликува од која било друга билатерална помош затоа што е брза, ефикасна, флексибилна и совршено таргетирана. Тоа се проекти што се многу важни и кои даваат конкретни резултати – реновирање болници, училишта, проекти во локалната самоуправа. Овојпат е културата како една од најубавите делчиња во соработката помеѓу нашите земји, рече Османи.
Договорот за грантот го потпишаа Џиро Такеичи од „ЏАЈКА Балкан” и директорот на НОБ Васо Ристов. За набавка на музичките инструменти и техничката опрема ќе се формира консултантски тим.