Откривање на спомен биста на сликарот Никола Мартиноски во Букурешт

Министерот во Владата на Република Северна Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми денес во Букурешт, во името на Владата на Северна Македонија, ја откри спомен бистата на реномираниот македонски сликар, Никола Мартиноски.

 

Во својот говор пред бројните претставници на Владата на Романија, градот Букурешт, дипломатскиот кор и претставниците на македонската заедница во оваа држава, министерот Адеми зборуваше за ликот и делото на Мартиноски и неговиот придонес за развојот на македонската модерна ликовна уметност во 20 век.

 

„Откривањето на бистата се случува три дена по 8 декември, Денот на македонскиот јазик во Романија, кој, благодарение на истрајноста на македонската дијаспора во оваа земја и одлуката на романскиот парламент, претставува значаен датум за зачувување на традициите, културата и јазикот на македонското етничко малцинство во Романија“, додаде министерот Адеми.

 

Овој проект, според Адеми, дополнително ги зацврстува односите и врските меѓу двете култури, македонската и романската, и показател е за одличните односи меѓу двете земји.

 

„Нашиот голем сликар и академик Мартиноски ни создаде дела кои ни го осветлуваат минатото, светол пример ни е во сегашноста, но и го осветлува патоказот кон иднината.Му припаѓа на првата генерација на македонски академски уметници. Школуван е во Националната школа за убави уметности во Букурешт, далечната 1927 година, а со враќањето од Букурешт и Париз, еден е од основачите и прв директор на Училиштето за применета уметност во Скопје, на Уметничката галерија во македонскиот главен град (од која подоцна ќе никне Националната галерија на Македонија) и еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите“, истакна меѓу другото министерот Адеми.

Министерот Адеми изрази голема благодарност до почесниот конзул на Романија во Северна Македонија, г. Штерјо Наков, кој материјално ја помогна изработката на бистата.

 

Мартиноски студирал во Букурешт, а бистата е поставена во познатиот парк Михаел I, заедно со спомениците на „врвни имиња од светот на уметноста, книжевноста, филозофијата, политикатаи други реномирани личности на човечкото наследство“.

Треба да знаете
Последни објави