Утре, во „Арената A1“ во Скопје, ќе се одржи хуманитарен концерт на Бона и Мили од соседна Србија, а дел од собраните средства ќе биде дониран за лекување на Јана Арсовска од Охрид. Билетите се со цена од 450 и 800 денари, а почетокот на концертот е закажан за 20.30 часот.
Јана (33) боледува од премногу редок тип на канцер и по двете трансплатации на коскена срцевина, ѝ беше предложено итно лекување со имунотерапија. Ова барање беше одбиено од Фондот за здравство, а пресудата од Управниот суд, ФЗО повторно да го разгледа случајот, беше обжалена од Фондот, со што на Јана ѝ се одмага наместо да ѝ се помогне од институциите. Со месеци се чека одлуката од Вишиот управен суд на Република Македонија, а Јана во меѓувреме е на клиника во Солун бидејќи по 10 месеци без никаков третман и терапија, мораше да почне со големата битка за консолидирање на нејзината здравствена состојба.
„По неколку месеци од почетокот на акцијата, беа собрани речиси половина од средствата поради што ги замолуваме сите хумани луѓе таа да продолжи и да ѝ овозможиме на Јана сè што е можно и најдобрата можна опција во битката против опасната за живот премногу ретка болест. Таа е многу храбра и одлучна да продолжи да живее, но имајќи предвид дека институциите потфрлија, повеќе од потребни ѝ се помошта и дадената надеж од сите хумани луѓе“, вели семејството на Јана.