Косовскиот претседател Хашим Тачи ја оцени како провокација изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија е подготвена да преговара за компромисно решение со Косово, но дека таа нема да го признае.
„Пораката од Белград дека треба да се најде компромис без да се признае Република Косово е провокација. Независноста на Косово е компромис. Дијалогот е можен само под еден принцип: двете земји меѓусебно се признаваат како рамноправни соседи и се придвижуваат кон евроатлантското семејство“, напиша Тачи на Твитер.
Претходно денеска, Вучиќ за „Катимерини“ изјави дека Србија отсекогаш барала компромис и не сака да наметне решение што ќе биде во интерес само на едната страна.
„Ние сме подготвени и отворени за преговарање за какво било компромисно решение. Некои спомнуваат други модели, но не нудат ништо специфично. Ако некој смета дека ќе дојде во Белград и ќе ни каже дека ние ќе го признаеме Косово како независна земја, тоа нема да се случи“, рече Вучиќ, пренесе „ОНАСА“.