Тројцата членови на екипажот на грчкиот танкер кои беа киднапирани на почетокот на ноември годинава во Того се ослободени, додека пак четвртото лице починало, соопштуваат од компанијата во чија сопственост е танкерот „Елка Аристотелис” што беше мета на вооружен напад, јави дописничката на МИА од Атина.
Од компанијата денеска соопштија дека ослободените државјани на Грција, Филипини и Грузија се безбедни и во добра состојба, им бил извршен лекарски преглед и им се предадени на локалните власти за да се вратат во нивните земји, а биле контактирани и нивните семејства.
Четвртиот член на екипажот што беше киднапиран и е филипински државјанин, починал, поради болест.
На 4 ноември 2019, како што тогаш објави МИА, беше извршен вооружен напад врз танкерот под грчко знаме “Елка Аристотелис” што бил закотвен во главниот град на Того, Ломе и беа киднапирани четири од 24 членови на екипажот.