Од понеделник почнува расправата по дополнетиот буџет за 2020 година што беше усвоен вчера на владина седница, а во кој се вградени 12-те амандмани прифатени во дебатата во собраниската Комисијата за финансирање и буџет. Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал. Министерката за финансии Нина Ангеловска оценува дека инвестициите во човечкиот капитал се клучни бидејќи тие ја движат економијата и ги движат промените.
-Пред нас се многу предизвици не само за нас како земја, туку и во светот, и сметам дека инвестициите во човечкиот капитал е нешто што е клучно, затоа што луѓето ја движат економијата. Луѓето ги движат промените и од нас ќе зависи дали оваа земја за една година ќе се придвижи како за пет и ќе бидеме брзи во тоа или ќе одиме назад или ќе стоиме во место, затоа што како што велат секое стоење во место е одење назад, изјави министерката одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Таа потенцира дека целта е да се задржат младите кадри во земјата денеска кога мобилноста е поголема и младите многу полесно може да работат од едно на друго место и да се во различни земји. Сега, вели Ангеловска, во Европа и светот се дискутира како да се справиме со предизвиците на дигитално даночење, каде да се плаќа и во која земја данокот.
Истакна дека во буџетот за 2020 година централно место се инвестициите во човечки капитал, односно 64 отсто оди во образование, социјалната заштита и здравството за што се предвидени 10 милијарди денари повеќе од оваа година.