Рекорден број донирани крвни единици на седмата Крводарителска акција во чест на Јани Димитриев, којшто животот го загуби во сообраќајна несреќа со неговите другари Бојан Бочварски и Стефан Николов.
Секретарот на ОО на Црвен Крст-Штип, Викторија Милановска рече дека стотиот крводарител денеска ја заокружи колективната хуманост на штипјани, која беше докажана во рамки на хуманиот настан организиран од страна на семејството Димитриеви, Црвен крст и Службата за трансфузиона медицина, во Гимназијата ,,Славчо Стојменски”.
-Оваа крводарителска акција има огромно влијание и во менувањето на свеста на младата популација, во насока на општествено одговорно поведение, за што сведочи и големиот број првократни крводарители евидентирани денеска. Во рамки на крводарителската акција, на неколкумина крводарители со над 75 дарувања им беше врачена пригодна јубилејна плакета, рече Милановска.