Европската комисија објави дека членките на ЕУ се согласиле да одржат донаторски собир во Албанија во јануари, со цел да се соберат парични средства за реконструкција на земјата по земјотресот во кој загина 51 лице.
Претседателот на ЕК, Урсула фон дер Лајзен рече дека членките на ЕУ ветиле дека ќе помогнат во долгорочната реконструкција, пренесува АП.
Во земјотрес со јачина од 6,4 степени што се случи минатиот месец, повеќе од 13.000 луѓе останаа без покрив над главата, а над 14.000 згради беа оштетени.
Албанија побара меѓународна финансиска помош за реконструкција, која треба да биде завршена до крајот на 2020 година. Владата на Тирана одвои 117 милиони американски долари за таа цел.