Ноќта кога започна војната во Словенија Фрањо Туѓман ми рече „па не мислиш дека Хрватска ќе влезе во конфликтот заради Словенија“, рече поранешниот претседател на Словенија, Милан Кучан, во ексклузивно интервју за белградски „Неделник“, а го пренесе Јутарњи Лист.
– Го повикав Туѓман затоа што знаевме дека тие имаат план како да спречат тенковите да ја напуштат Хрватска, за да не дојдат во Словенија. И кога тоа го побарав „претседателе, почна војната кај нас, ајде да помогнете“, тој одговори „Зарем мислите дека ќе одиме во војна за вас“. Тогаш реков: „Вие нема да го направите тоа за нас, туку за Вас, рече Кучан во интервјуто кое на насловната страница е најавено „Ексклузивна исповед по 30 години: Зошто се распадна Југославија? “
Кучан објасни дека истата вечер прво го повикал тогашниот федерален премиер Анте Марковиќ.
– Постои дилема како се случи војната. Кога ме известија на полноќ дека тенковите излегуваат од касарните му се јавив на Анте Марковиќ. Го разбудив и тој беше зачуден – каква војна? Какви тенкови? Праша. Постои разлика во толкувањето на заклучокот на Сојузниот извршен совет. Според Марковиќ, било заклучено дека треба да се чува границата на Југославија. Дел од Генералштабот ова го протолкувал како дозвола со сите средства да се спречи реализација на одлуката за независност. Ги обележавме граничните премини со словенечкото знаме и табла Република Словенија. Тенковите требаше да ги поништат нашите одлуки, објасни Кучан.
Тој додаде дека неединството во Генералштабот во голема мерка спречи војната да заврши поинаку отколку што заврши.
– Војната траеше 10 дена, но за војниците на фронтот беше вистинска војна. Се обидовме да ја запреме војната што побргу и решението да го бараме преку дипломатски канали, објасни поранешниот претседател на Словенија.
На прашањето кој одиграл клучна улога во решавањето на ситуацијата, Кучан рече- Европската заедница.
– Тогаш доаѓаа тие „тројки“ кои преговараа со нас и војската за да се стави крај на војната. Желбата беше да се запре војната што е можно поскоро за да не се случат жртви. За жал, имаше неколку. Ние не ја предизвикавме таа војна. Одлуката да се одговори на агресијата не беше едноставна и лесна. На еден од состаноците на југословенското претседателство и нашата делегација на Бриони, Црногорецот Бранко Костиќ рече: „Ние поарно би се повлекле отколку вие да ги убивате нашите синови.“ Ова беше сериозно обвинување. Тогаш јас предложив Јанез Дрновшек да се види со Борисав Јовиќ да види дали размислуваат сериозно да се повлечат. Следеше седница на претседателството на Југославија, на која беше решено армијата да се повлече од Словенија. Сите, освен Стипе Месиќ, гласаа за одлуката, бидејќи тогашниот член на претседателството на СФРЈ од Хрватска знаеше дека ако армијата се повлече од Словенија, ќе ја продолжи војната во Хрватска, иако единиците на ЈНА продолжија кон БиХ , до линијата на таканаречената српска територија, објасни Кучан.
Тој исто така рече дека нема основа за шпекулации за тоа оти словенечкото раководство слушало совети однадвор и дека западните земји имале влијание врз одлуките на Словенија.
– Мислам дека во 1989 година тогашниот претседател на Европската заедница Жак Делор беше во Белград и имаше заеднички дискусии со сите нас. Тој тогаш и понуди на владата на Анте Марковиќ пет милијарди долари за своите економски реформи, сметајќи дека економските реформи ќе донесат нов бум, ќе ги спречат националните конфликти и ќе ја одржат Југославија. Му рековме дека е предоцна, отидовме премногу далеку со овој процес. Тој немаше разбирање за нашите ставови, рече Кучан.
Тој, исто така, даде детали за тоа како интересот на западниот свет била Југославија да преживее.
– Во пресрет на прогласувањето на независноста дојде Џејмс Бејкер, државен секретар на САД, кој директно ни рече дека ако тоа го сториме, САД никогаш нема да нè признаат. Му реков: Вие ќе не признаете порано или подоцна, затоа што зад нас е плебисцит, демократска политика. Вие не можете да ги игнорирате таквите резултати. Тоа пристигнување на Бејкер беше втор знак дека сè ќе оди тешко. И сега се навраќам на нашите внатрешни дискусии во Словенија за законот за плебисцит. Работевме на целиот плебисцит под претпоставка дека тој мора да биде легален и во согласност со нашиот и сојузниот устав, но потоа се постави прашањето за легитимноста. За меѓународната заедница не беше доволно да има законитост, туку и легитимност.
Тој исто така раскажа како изгледаше неговата последна средба со тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ во Хаг.
– Не ми се чинеше дека многу се промени:ниту во неговиот говор, ниту на начинот на кој ми поставуваше прашања, или по неговиот физички изглед, рече Кучан.