По вчерашниот меѓупартиски договор меѓу преставниците на власта предводени од претседателката на Собранието Маја Гојковиќ и дел од опозицијата, постигнат со посредство на делегацијата на Европскиот парламент, денеска во Србија со реакции се јавија и властите и опозцијата.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската премиерка Ана Брнабиќ на прес конференција изјави дека таа лично го замолила српскиот претседател Александар Вучиќ „максимално можно” да го одложи одржувањето на изборите, но во согласност со Уставот и законот.
-Можам да кажам дека претседателот беше против, но бидејќи ние работиме како тим, а тој му верува на својот тим и го прифати моето барање, иако сметаше дека за Српската напредна партија (СНС) е подобро изборите да се одржат што е можно поскоро, рече премиерката во Владата на Србија.
Таа наведе дека од 17-те препораки на меѓупартискиот дијалог за изборните услови, повеќе од 70 проценти веќе се „целосно исполнети”, вклучително и измените на четири важни закони.
-Дадени се инструкции да се спречи функционерската кампањата и да се одделат политичките улоги и оние што се извршуваат во рамки на српската влада, рече таа.
– Горда сум што имаме таков дијалог и флексибилност за понатаму да го унапредуваме изборниот процес и демократските институции. Остануваме посветени на дијалогот, што е можно пофлексибилни, рече Ана Брнабиќ.
За разлика од власта, парламентарните партии, опозицијата и здруженијата имаат различни ставови. Од Движењето на слободни граѓани на Сергеј Трифуновиќ оценија дека постигнатиот договор е солидна почетна точка за фер избори и дека сето тоа ќе зависи од спроведување на договореното. Здружението „1 од 5 милиони” е на мислење дека резултатите од договорот не се доволни, туку станува збор за „морков” кој е добиен благодрејќи на бојкотот.
И од најголемата опозициска коалиција Сојузот за Србија (СзС) сметаат дека заклучоците не се доволни за да се смени одлуката за бојкот.
Лидерот на Партијата за правда и слобода (ССП) Драган Ѓилас во изјава за МИА вчера кажа дека СзС е за воспоставување на Пржински договор т.е модел како што е сега за изборите во Северна Македонија, прилагоден на српски услови.
Претседателот на Народната партија (НС) и претседавач со СзС, Вук Јеремиќ, коментирајќи ги договореното со европарламентарците, рече дека тоа не е доволно за СзС да ја промени „својата цврста и принципелна одлука да ги бојкотира изборите следната година”, додаввајќи дека напорите на европратениците биле „вредни и добронамерни”.
-Постојат некои услови за одржување фер и чесни избори, но исто така има потреба некој навистина независен тоа да го следи. Тоа не може да биде Владата на Ана Брнабиќ, тоа мора да биде еден вид преодна администрација, некој кој ќе осигура тоа што е договорено, навистина да биде спроведено во дело, а тоа мора да трае најмалку девет месеци, ги повтори Јеремиќ ставовите на СзС.