Работник во зоолошката градина во Пакистан, врескајќи, се обидувал да се извлече од вилицата на предаторот, а колегите и посетителите само го гледале и снимале.
Посетителите на пакистанската зоолошка градина присуствувале на вистински хорор кога за време на вообичаеното хранење бел лав низ решетките од кафезот му ја зграпчил раката на хранителот Кану Пирадит, кој му фрлал месо.
Додека врескал од болка, обидувајќи се да се извлече од вилиците на лавот, посетителите и другите вработени гледале во шок и неверување, но никој од нив не направил ништо за да му помогне, пишува „Дејли мејл“. Борбата со лавот траела 40-ина секунди пред опасното животно, конечно, да го пушти.
Снимката што се појави на интернет сведочи за паниката на луѓето што во тоа време биле блиску до кафезот, па така може да се слушне како врескаат додека хранителот седи крвавејќи на подот.