Поранешниот претседател на Судан, Омар ал-Башир, денеска е осуден на двегодишна затворска казна заради корупција и перење пари. Поради неговата возраст тој казната нема да ја мине во затвор, туку во поправен дом, одлучи денеска судот во Картум. Ова е прва пресуда во серијата правни постапки против него, кои ги бара Меѓународниот кривичен суд заради обвинувањата за воени злосторства и геноцид во Дарфур. Пресудата му беше изречена една година по почетокот на масовните протести против тридецениското владеење на Ал-Башир со Судан, за чие време земјата се најде на американската листа на спонзори на тероризмот, а економијата пропадна заради неговото лошо управување и американските санкции.
Ал-Башир (75) се наоѓа во притвор од април годинава, кога војската го собори од власта.
Војската уште претходно соопшти дека нема да го предаде на Меѓународниот кривичен суд , а моменталната воено-цивилна влада за тоа се уште не се изјаснува.
Поранешниот претседател на Судан е обвинет и за убивање демонстранти во текот на повеќемесечните протести.