Детектор анкета: Граѓаните му дадоа слаба тројка на македонското образование

Помалку од тројка е средата оценка со која граѓаните го оценија образованието. Вакви резултати
покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе
Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, најслаба оценка од граѓаните добило средното образование. Средната оценка која
граѓаните му ја дале на средношколскиот образовен процес е 2,79. Нешто подобро поминало
високото образование кое е оценето со средна оценка 2,84, а 2,85 е средната оценка која
граѓаните му ја дале на основното образование.
Во споредба со последната анкета која за Детектор Институтот за политички истражувања ја
спроведе во мај годинава, се бележи намалување на средната оценка за квалитетот на
образованието. Најмногу паднало средното образование. Од 2,89, колку што била средната
оценка во мај, во последното истражување спроведено минатиот месец таа се спуштила на 2,79.
Пад има и кај високото образование. Од 2,9 во мај на 2,84 во ноември. Благо намалување е
регистрирано и кај основното образование кое од 2,86 во мај паднало на 2,85 во ноември.
Анкетата на Детектор покажува дека повеќе од половина од граѓаните генерално не се задоволни
од квалитетот на образованието иако треба да се потенцира дека исто така висок процент граѓани
велат дека образованието во земјава е квалитетно. 51,6% од анкетираните велат дека генерално
не се задоволни од квалитетот на образованието додека 44,8% велат дека во Македонија има
квалитетно образование.
Споредбата со анкетата од мај годинава покажува мали но значителни промени, особено ако се
има предвид дека пред 6 месеци, поголем беше бројот на граѓани кои се задоволни од
образованието во земјава за разлика од оние кои не се.
Па така во мај, анкетата која исто така ја спроведе ИПИС, покажала дека 49,2% граѓани се
задоволни од образованието а 46,3% дека не се.
Најголемо незадоволство од квалитетот на образованиот процес има во вардарскиот регион каде
69,2% од анкетираните рекле дека не се задоволни. Следат југоисточниот регион со 57,8%
незадоволни граѓани од квалитетот на образованието и источниот со 52,9%.
Близу половина од граѓаните или 49,9% велат дека не се задоволни од програмите во
образованиот процес за разлика од 26,3% од анкетираните кои велат дека се задоволни.
54,4% велат дека не се задоволни од квалитетот на учебниците, додека 23,6% се на став дека
учебниците се квалитетни.
45,7% од анкетираните велат дека наставниот кадар не е квалитетен додека 34,1% сметаат дека во
Македонија има квалитетни наставници.
Големо мнозинство граѓани смета дека земјите од регионот имаат поквалитетен образовен
процес. 40,1% од анкетираните за Детектор рекле дека во споредба со земјите од соседството
образовниот процес во Македонија е полош. 29,8% се на став дека имаме слични образовни
процеси додека 10,4% од граѓаните рекле дека Македонија има подобар образовен процес од
оној во соседството.
Сепак резултатите од ПИСА тестирањето ја рангираат земјава на најниските места. Според
најголемиот дел од граѓаните причина за тоа е несоодветниот наставен кадар и лошата наставна
програма.
23,7% главната причина за лошите резултати на ПИСА тестирањето ја лоцираат во наставниот
кадар за кој велат дека е несоодветен. 22,2% во лошата наставна програма, 13,6% во лошите
услови во училиштата а 6,5% во неквалитетните учебници.
Кога станува збор за условите во училиштата, интересно е дека повеќе од третина од граѓаните
сметаат дека бројот на ученици во еден клас или едно одделение е премал. Дури 34,6% од
анкетираните сметаат дека во паралелките има премалку ученици за разлика од 19,1% кои
сметаат дека бројот на ученици во една паралелка е преголем. 29,7% од анкетираните велат дека
паралелките имаат соодветен број на ученици а 16,7% немаат одговор.
Интересна е етничката поделба. Додека етничките Македонци се на став дека во паралелките има
премалку ученици, нивните сограѓани, етничките Албанци се убедени во спротивното. Дури 44,9%
од анкетираните етнички Албанци сметаат дека во паралелките има преголем број на ученици.
Спротивно на ова, 42,1% од анкетираните етнички Македонци сметаат дека во едно одделение
или клас има премалку ученици.
Граѓаните, според анкетата на Детектор не се уверени дека повеќе пари за наставниците ќе го
решат проблемот со образованието кое го сметаат за неквалитетно. 46,1% од анкетираните велат
дека најавеното зголемување на платите на наставниот кадар нема да го зголеми квалитетот на
образовниот процес додека 32,4% очекуваа поголемите плати за наставниците да донесат и
поквалитетно образование.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена
телефонски во периодот од 16 до 19 ноември врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници
со маргина на грешка од плус – минус 3%.

Треба да знаете
Последни објави