Началникот на Генералштабот на алжирската војска, генерал Ахмед Гаид Салах му ја честиташе победата на Абделмаџид Тебун во првиот круг од претседателските избори во земјата.
Салах, кој земјата ја предводеше од април годинава кога дотогашниот претседател Абдулазез Бутефлика поднесе оставка под притисок на уличните протести, изјави дека новиот претседател ја има поддршката на војската , додавајќи ја оценката дека Тебун има искуство да „го понесе Алжир во подобра иднина”.
Тебун (74), поранешен премиер во влада на Бутефлика, освои 58,15 отсто од гласовите на изборите, што се оддржаа во сенка на протестите против власта, што траат од 22 февруари.
Одзивот на избирачите беше 39, 83 отсто, што е најмала досега регистрирана излезност на изборите во историјата на Алжир.
Протестите во земјата продолжија и покрај оставката на Бутефлика, бидејќи протестното движење го исклучува секој избор на негов наследник без претходно заминување на функционерите поврзани со сегашниот државен систем.
Цел на критките беше и самиот генерал Салах бидејќи тој сметаше дека изборите се најдобриот начин за излез од кризата и затоа што ги отфрли барањата на демонстрантите за воспоставување преодни институции.