Заев: Нема скршнување од патот на победата

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев во писмо упатено до членовите на Социјалдемократскиот сојуз, кое ни беше дадено од член до кое е стигнато, вели дека на следните избори неговата партија има обврска да „обезбеди да победи напредокот“, пренесува „Локално мк“

– Само тој избор е победнички. Секој друг избор е пораз. Многу направивме, сите заедно, а имаме уште многу што да направиме. Затоа нема скршнување од патот на победата. Ако некогаш напредокот ви се чини бавен, тоа е затоа што е реален. Градиме на здрави темели, за да трае, се вели во писмото на премиерот до членовите на партијата.

Победата, продолжува Заев, бара посветеност, усогласеност и дисциплина.

„Затоа, ајде да се договориме! Секој член на СДСМ, секој од нас, во овој период од четири месеци до изборите, ќе ги почитува и ќе ги промовира внатре во партијата, трите основни правила за сигурна победа на СДСМ. Овие правила ги усвои Централниот изборен штаб. Сега зависи од секој од нас. Секој од нас може и умее! Победата ја носи секој од нас!“, посочува Заев.

Тој наведува три правила за сигурна победа на СДСМ на изборите во 2020 година, кои ви ги пренесуваме во целост:

„01. Успесите на прво место!

Постојано да зборуваме за успесите, економијата на прво место

Власта на СДСМ има огромни успеси на сите полиња, а особено во економијата, социјалните политики и интеграциите. Неопходно е постојано да зборуваме за успесите.

Секој наш член, активист и политичар, во секоја прилика нужно е да ги комуницира успесите на власта на СДСМ во контакт со сите граѓани.

Може ли две и пол да биде повеќе и подобро од 11?

Да, може! Затоа што за две и пол години направивме и повеќе и подобро за домашната економија, во споредба со пустошот направен претходните 11 години.

Невработеноста во третиот квартал на 2019 година е намалена на рекордно ниски 17,1%. Само во овој период отворени се нови 5.263 работни места и во моментов има 799.546 вработени. Во споредба со вториот квартал на 2017 година, кога е формирана Владата невработеноста е намалена за 5,5 процентни поени, а во перидот од 9 квартали вкупно се отворени 59.564 нови работни места. Во наше време (2017 – 2019) просечната плата порасна за повеќе од 2.200 денари. Во нивно време (2013 – 2015) платата порасна за само 800 денари.

Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти.

Денес, околу 27.000 семејства добиваат гарантиран минимален приход, во висина до 11.700 денари месечно, а претходно добивале социјална помош во висина од околу 3.000 денари. 27.130 деца во моментот земаат детски додаток. Образовниот додаток го земаат 8.678 деца. Социјална пензија користат 4.148 возрасни лица. 12.000 стечајци добија животно решение.

Денес, Северна Македонија е дел од најмоќната воена и политичка сила на Светот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу. Затоа, македонското знаме се вее заедно со знамињата на САД, Велика Британија, Германија, Франција и останатите демократски светски сили.

02. Режим никогаш повторно

Постојано да потсетуваме за злоделата на ВМРО-ДПМНЕ, зарежимот никогаш да не се повтори.

Сите ние имаме многу лоши сеќавања од режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Газеа врз човековото достоинство. Тоа беше пред само две и пол години, а денес никој не сака да се повтори режим.

Затоа, постојано да потсетуваме за злоделата на ВМРО-ДПМНЕ и да ја потенцираме контролата која Никола Груевски ја има врз неговиот портпарол Христијан Мицкоски.

Кога беа на власт, никој не знаеше каква е нашата иднина. Не знаеа ниту тие. Ниту беа загрижени за тоа. Се грижеа само за нивните криминални операции, за прислушкување, за лично богатење.

Патот што го нуди ВМРО-ДПМНЕ нема цел. Тоа е пат што води само назад. Тоа секој треба да го знае, а ако некој заборавил, наша обврска е да потсетиме.

03. За научените лекции – После победата!

За научените лекции заедно ќе разговараме по победата

Во овие две и пол години власт на централно и локално ниво имавме многу успеси, но имавме и грешки и слабости. Сега е време да зборуваме за успесите и за понудата со која ќе излеземе пред граѓаните во очи изборите.

После победата на изборите, грешките од минатото заедно ќе ги анализираме и заедно ќе донесеме заклучоци за научените лекции. До тогаш, сите да се посветиме на успесите и на нашата заложба да не се врати режим во нашата земја.

За да го постигнеме тоа бидете победнички лидери. Кренете ја главата и потпрете се на успесите, не на грешките. Подгответе се да ги инспирирате другите да ни се придружат на патот напред.

Бидете лидери што ги обединуваат луѓето, зборувајте им на неодлучните. Зборувајте им на одлучните. Слушајте ги сите, а не само оние што се најгласни.

Бидете лидер што испорачува. И уште еднаш, за грешките ќе зборувавме после победата. До тогаш, постојано да зборуваме дека УСПЕСИТЕ СЕ ПОСИЛНИ ОД РЕЖИМОТ!“, се вели во писмото на премиерот до сите членови.

Треба да знаете
Последни објави