Високиот комесар за пензии на француската влада, Жан -Пол Делевој, кој има статут на министер, заборавил да пријави во својата изјава за судир на интереси дури десет функции и ангажмани. Грешката ја исправи дури откако печатот почна да се интересира за неговите примања, па сега тој пријави 13 функции, од кои 10 како волонтер, додека за другите три добивал надоместоци, јавува дописникот на МИА.
Ова се десет функции повеќе отколку во првичната верзија, пишува весникот „Ле Монд”, кога ја доставил својата пријава пред Високиот орган за транспарентност на јавниот живот, во времето кога влезе во владата.
Според весникот, Жан-Пол Делевој во петокот вечерта до надлежниот орган испратил исправена пријава во која се споменуваат 13 функции, од кои 10 извршувал волонтерски, во првата верзија имал пријавено само три, а истовремено и неговите надоместоци за овие ангажмани се со повисоки износи од првичните. Претходно францускиот печат во актуелната социјална криза со реформата на пензискиот систем ископа пет функции од кои само за една се знаеше дека е платена.
Во интервју за „Ле Монд” во саботата, Жан-Пол Делевој, исто така, се повика на неговата „добра волја” и вели дека ја презема одговорноста за грешката која произлегла. Според него, тоа е фактот дека никој не го предупредил дека мора да ги пријави сите овие активности, од кои одредени се однесуваат на неговото „општествено ангажирање”.
-Ако мојата грешка и смета на каузата за која се борам (…), тогаш јас ќе ги поднесам последиците, додава тој.
Имено синдикатите оценуваат дека со затајувањето на неговите функции, посебно оној во кој има врски со осигурителните компании, тој повеќе не можи да ја предводи реформата на пензискиот систем.
Од своја страна владата има се уште доверба во својот Висок комесар за пензии.