Интернетот троши многу струја, нагласи потпретседателката на Европската комисија, Маргарет Вестагер, укажувајќи на негативните ефекти од оваа потрошувачка врз климата на Земјата.
Понатамошната дигитализација ќе бара уште повеќе струја, вели данската политичарка во интервју за медиумската групација „Функе“.
„Стримингот на филмови троши многу електрична енергија. Имено, замислете за момент колку трошоци се прават за климатизација на сервисните центри на овие платформи“, додава Вестагер.
Тоа ќе биде огромен предизвик за зацртаната климатска неутралност која земјите на ЕУ се договорија да ја постигнат до 2050 година, смета функционерката.
„Ќе мора да развиеме технологии за да ја минимизираме потрошувачката на енергија и да ја подобриме енергетската ефикасност“, смета таа, осврнувајќи се притоа на новата еколошка програма на блокот.
Низ целиот свет, платформите како „Нетфликс“ и „Јутјуб“ и услугите за видео-конференции како „Скајп“ трошат 200 милијарди киловат-часови електрична енергија на годишно ниво, според податоците објавени од германската компанија „Еон“.



