Синот на бразилскиот претседател Јаир Болсонаро, Едуардо, изјави дека неговиот татко ќе ја пренесе бразилската амбасада во Израел во Ерусалим следејќи го примерот на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува РТ.
„Како што рече татко ми, бразилската амбасада ќе се пресели во Ерусалим. Тоа не е ништо необично”, рече Болсонаро на отворањето на бразилската трговија мисија во Ерусалим.
„Израел нема подобри пријатели од народот и владата на Бразил“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на истата церемонија.
Јаир Болсонаро е гласен поддржувач на еврејската држава и вети дека за време на својата изборна кампања ќе ја пренесе амбасадата на Бразил во главниот град. Болсонаро допрва треба да го исполни тоа ветување за разлика од Трамп, кој ја пресели американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим минатиот мај.
Ерусалим се смета за главен град и од Палестинците и од Израелците, а источниот дел на градот се смета за окупирана територија. Овој потег е, според тоа, контроверзен, особено затоа што им штети на имиџот на САД како искрен посредувач за каков било иден мировен договор меѓу Израелците и Палестинците.
Бразилската амбасада треба да се пресели во Ерусалим идната година. Во моментов, само САД и Гватемала имаат свои амбасади во овој град. Хондурас планира да го направи овој потег во наредните недели. Унгарија, Австралија и Чешката Република имаат трговски канцеларии во Ерусалим, слично на онаа што ја отвори Болсонаро во неделата.
Признавањето на Ерусалим за главен град на Израел е имплицитно во ваквите потези. Сепак, последиците од овој потрег не само што можат да му наштетат на имиџот на Бразил во арапските држави, туку и на неговата финансиска состојба. Само 0,1 отсто од извозот на Бразил оди во Израел додека речиси 5 отсто одат во земјите на Арапската лига.
Претходно годинава, бразилската министерка за земјоделство предупреди дека потегот на амбасадата може да ѝ наштети на халал месната индустрија во земјата.
„Бразил не може да си дозволи да ги загуби пазарите, ние треба да отвориме нови пазари“, рече таа во тоа време.