Кинескиот премиер Ли Кечијанг се состана со лидерот на Хонг Конг, Кери Лам, денеска во Пекинг, по неколкумесечни насилни протести, што предизвикаа рецесија во таа специјална административна област на Кина, и нагласи дека насилството и хаосот мора да завршат.
Ли се сретна со Лам како дел од нејзините редовни консултации со Пекинг, за време на кои таа ќе се сретне и со претседателот Си Џинпинг.
Состанокот следува откако полицијата во Хонг Конг употреби солзавец врз демонстрантите во поранешната британска колонија, соочена со најтешката политичка криза што трае повеќе од шест месеци.
„Властите на специјалната административна област мора да продолжат со напорите да се стави крај на насилството и да се запре хаосот во согласност со законите и да се врати редот”, рече Ли на средбата со Лам, според телевизискиот пренос во живо.
Посетата на Лам на Пекинг се одвива во момент додека локалниот печат спекулира дали Си ќе и даде нови насоки за решавање на политичката криза, вклучително и можни промени во раководството на Хонг Конг.
Си се состана со Лам во ноември во Шангај и тогаш рече дека има „огромна доверба” во неа и покрај немирите во градот.