Министерот за внатрешни работи на Естонија ја нарече финската премиерка „касиерка“

Министерот за внатрешни работи на Естонија, Март Хелме, крена голема прашина со своите неодамнешни изјави за финската влада во која доминираат младите жени, пренесува „Спутник“ .

Хелме не штедеше на зборови критикувајќи ја новата финска влада на левиот центар велејќи дека е составена од улични активисти и неписмени, повикувајќи се дури и на историски паралели и го цитираше Владимир Ленин, водачот на Октомвриската револуција во 1917 година.

Во радио интервју за естонската радиодифузна компанија ЕРР, Хелме изрази силни сомнежи за новата влада на Финска предводена од социјалдемократката Сана Марин, која во моментов е најмлада прекиерка во светот со само 34 години.

Хелме дури и потсети на Граѓанската војна од 1917 година, сè уште многу болна тема во Финска, повлекувајќи паралели помеѓу Црвената гарда и сегашната влада на левиот центар, доведувајќи ја во прашање нејзината способност да ги брани интересите на земјата.

„Сега можеме да ја видиме до одреден степен одмаздата на црвените врз белите, со тоа што црвените кои сакаа да ја уништат Финска се дојдени на власт и сега се обидуваат да ја направат Финска некаква европска провинција, која може да го носи името Суоми или Финска “, рече Хелме, цитиран од „ Хуфвудстадсбладет“.

Понатаму, Хелме изрази сомнеж и за искуството и способноста на Сана Марин, па дури и го цитираше Владимир Ленин, водачот на Руската револуција.

„Се сеќавам дека Владимир Улјанов Ленин тврдеше дека секоја слугинка може да стане министер или што и да било. Сега гледаме дека касиерката стана премиер, а во исто време некои други улични активисти и неписмени станаа членки на владата “, рече Хелме, предвидувајќи пораст на моќта за десничарската партија „Финци“.

Кога вербалниот напад на Хелме се рашири во Финска, многу Финци побрзаа кон социјалните мрежи да го изразат својот гнев.

„Почитуван министер Март Хелме! Горд сум што живеам во земја во која секоја слугинка може да стане министер. Уште сум горд што Финска беше првата земја каде што слугинката стана министер пред 92 години, кога Мина Силанпа го доби портфолиото на министерот за социјална сигурност “, објави корисник на Твитер.

„Изгледа е завист. Се сеќавам на естонската економија базирана на продажба на маици и чорапи пред речиси 30 години “, се подбиваше друг корисник на Твитер.

Другите го нарекоа Хелме идиот и популистичко пувало, па дури и го споредуваа со иранското свештенство.

„Преку својата изјава, естонскиот министер Март Хелм значително им наштети на односите на Естонија со еден од нашите најзначајни пријатели Финска. Срамота е што владата се однесува кон Финска на овој начин. Министерот за внатрешни работи треба да биде разрешен веднаш“, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Естонија, Урмас Пает, во твит.

Самата Сана Марин, која стана премиер по оставката на нејзиниот висок партиски колега Анти Рин, возврати дека е горда на Финска, земја во која дури и касиерка може да стане премиер.

„Јас сум неверојатно горда на Финска. Тука дете од сиромашно семејство може да добие добро образование и да постигне многу во животот. Дури и касиерката може да стане премиер. Финска не би преживеала без работници “, објавила таа во твит.

Хелме подоцна изјави дека неговите изјави за финската премиерка се негови и не претставуваат став на естонската влада. Во исто време, тој истакна дека не ја доведува во прашање соработката, пријателството и топлите чувства помеѓу Финска и Естонија.

Треба да знаете
Последни објави