Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеновски, е осомничен дека со лажни извештаи за мониторинг овозможил исплата на над 7,3 милиони денари на фирмата Меѓународен Агро Консалтинг. Управата за финансиска полиција против него и уште против едно физичко и правно лице поднесе пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и помагање.
Ексминистерот, кој бил на должност во 2009 година, потпомогнат од второпријавениот А.Ѓ сопственик и управител на третопријавеното правно лице Меѓународен Агро Консалтинг, ја злоупотребил својата службената положба и овластување на начин што дал налог и исплатил фактури во вкупен износ од 7.338.551 денари за што биле доставени и примени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вкупно 27 невистинити извештаи за извршено научно и мониторинг истражување.
- Со тоа овозможил правното лице да се стекне со противправна имотна корист од 7.338.551 денари, за кој износ го оштетиле Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.