Уапсено лицето кое лани во Атина украде 38 скапи часовници

Грчката полиција денеска соопшти дека во четвртокот бил уапсен 27-годишен странски државјанин кој пред точно една година од продавница за часовници во центарот на Атина, украл 38 скапи часовници во вредност од 439 600 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, станува збор за државјанин на Молдавија, а украдените часовници биле марка Ролекс.

При претресот во домот на уапсениот биле пронајдени и запленети 34 од 38-те украдени часовници, но и пиштол, куршуми и ножеви.

Како што соопштија од грчката полиција, на 17 декември 2018 година, непознат сторител, а сега веќе уапсениот, преправајќи се дека е клиент, влегол во продавница за часовници во Атина, на вработените и на обезбедувањето им се заканил со оружје и ја принудил одговорната во продавницата да му даде 38 брендирани часовници во вредност од 439.600 евра.

Полицијата трага по братот на уапсениот, за кој постои обвинение дека бил соучесник.

Треба да знаете
Последни објави